Средношколците „бомбардирани“ со лажни информации додека во училиштата „фрчат“ лажни бомби
Description
Лажните дојави за бомби во школите периодов ги збунија средношколците, но можеби уште повеќе ги збунија сензационалистичките медиумски „бомби“ и дезинформациите што доаѓаа од дел од медиумите, а се поврзани со актуелните случувања. Ова беше изразено во текот на целата пандемија.
Младите средношколци се т.н. „дигитални домородци“, живеат на интернет, а социјалните мрежи ги „бомбардираат“ со наслови кои ги скролаат многу брзо и често ги споделуваат без да прочитаат целосно некоја вест. Па и во случај кога голем број медиуми професионално известуваат, младите врсници меѓу себе си шират дезинформации и полу-вистини, или си играат „расипан телефон“.
Од друга страна, освен што македонските средношколци живеат во време на хиперинформираност, тие живеат и во време кога медиумската писменост конечно почна да влегува во формалниот образовен систем, па затоа за сите овие прашања зборуваме со Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколците и член на УРА тимот од проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.
Павиќевиќ во подкастот се осврнува на разни аспекти од медиумската писменост. Каква е одговорноста на младите во онлајн просторот, како се „хранат“ на социјалните мрежи, но и за критичкиот однос и довербата што треба да ја градат кон различните видови медиуми.