Чудаци, бубалици и ексцентрици: како е да си „н’рд“?
Description
Во оваа епизода зборуваме за, и со луѓе кои самите се опишуваат како „нердови“. Што подразбира овој термин, и дали има соодветен превод на македонски? Дали нерд се раѓа или се создава? Кои се предностите а кои мааните на тоа да си „бубалица“?
Специјален гостин: Ѓорче Ставрески, режисер и ветеран во решавање судоку.
Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.
ТРАНСКРИПТ
[аудио од серијата The Big Bang Theory]
“Ladies and gentlemen, our guest of honor, Dr. Sheldon Cooper.”
“Thanks shorty, I’ll take it from here.
All right, you people ready to have some fun?
You have a basic understanding of differential calculus and at least one year of algebraic topology?
Well, then here come the jokes.”
Љубителите на серијата Тhe Big Bang Theory го препознаваат овој глас. Шелдон Купер и неговите пријатели, кои зборуваат за мачката на Шредингер, теоријата на струни и гравитациски бранови, додека публиката се кине од смеење. Благо неприлагодени, опсесивни, но крајно симпатични, тие се сликата која популарната култура ја гради за „нердовите“ или бубалиците.
(Common People)
Јас сум Илина Јакимовска. Во оваа епизода од подкастот „Обични луѓе“ ќе зборуваме за, и со луѓе кои самите се опишуваат како нердови. Што подразбира овој термин, и дали има соодветен превод на македонски? Дали нерд се раѓа или се создава? Кои се предностите а кои мааните на тоа да си „бубалица“?
Останете со нас.
[Ѓорче Ставрески]
Ѓ: Па генерално беше тоа… чудното да кажам, беше љубовта кон математиката. Од… стварно од многу мала возраст бев заинтересиран, некако дедо ми почна да ми дава некои задачи. Многу брзо ја научив азбуката. Знаев да пишувам и да читам веќе на четири-пет годишна возраст, дури и латиница научив. И почна да ми дава некои задачи по математика и сфативме дека… мислам мајка ми разбра дека сум прилично добар во тоа и некако тој н’рдовски да кажам еден мој карактер почна да се вообличува во математиката.
Ова е Ѓорче Ставрески, режисер, чиј дебитантски долгометражен филм „Исцелителот“ собра еден куп меѓународни награди и ни ги освои срцата. Но кога бил мал ништо не најавувало дека ќе се занимава со оваа професија. Неговите блиски мислеле дека ќе биде математичар. А она што тој го сфатил, иако тогаш не се викало така, е дека е – н’рд.
(продолжува)
И почнав да се такмичам во петто одделение, освоив доста награди, имам и 13-ноемвриска награда за достигнувања во математиката и во физиката и така… на таков некаков начин едноставно сфатив дека сум еве да кажеме во денешна смисла, дека сум н’рд. Да, тогаш веројатно поинаку се викаа децата, бев бубалица на пример. Бев скрос одличен, немам ниедна четворка во животов никогаш добиено. Мислам онака во книшка или пак во свидителство, сите ми се петки. И да, веројатно е… добар термин веројатно е бубалица. Меѓутоа тоа беше онака… бев бледо едно детенце кое што беше опседнато со тие некои… си ги имав тие логички опсесии меѓутоа во прва мера тоа беше математика.
Следејќи го својот талент, Ѓорче се запишува во „Корчагин“, гимназија која во тоа време се сметаше за јака во математика. Но нешто ја насочило приказната на друга страна.
Ѓ: …можеби најдобриот професор во „Корчагин“ во тој момент беше професорот Сидо, Сидовски Стефан по филозофија и он некако нè… буквално ни го зема паметот, што се вика, нè направи многу помалку математичари, а многу повеќе сè друго. Почна да ми шета мене паметот по многу други работи, едноставно со него и со размислувањата не знам, за животов, за филозофијата, за… Почнав да сакам да пишувам, некако многу интересно… читав многу. Така што ми го зема фокусот така да кажам, од математика.
Приказната на Ѓорче покажува колку за еден нерд се важни поддршката и околностите. Талентот за една работа може да се пренасочи кон интерес за друга. А ентузијазмот, во отсуство на добар ментор, може и целосно да згасне.
Ѓ: Дефинитивно мора да има менторство во малтене било која област со која што човек се бави. И можам да кажaм дека на пример јас со тоа што се запишав на Драмски после некои си две години студирање на Електро, бев на компјутерска технологија и бев многу добар, мислам стварно, десеткаш сум онака, сè беше некако совршено, меѓутоа едноставно пукнав. Не можев да се бавам веќе со тоа што се бавев затоа што немав јасна насока, немав некој да ме води едноставно, да ми покаже зошто токму тоа треба да го правам. Ми го снема идеализмот некако, ми исчезна под нозе, што се вика.
И затоа се запишав на драмски, сакав да видам… сакав да… едноставно ме интересираше и тој дел од човечката култура. И таму на пример… таму го запознав мојот професор по „Историја и теорија на филм“ којшто суштински ми стана некаков ментор, професорот Владимир Блажевски кој цело време низ годиниве ме враќаше назад едноставно, ми викаше – Ѓорче фокусирај се, многу ти бега паметот, едноставно мораш да дадеш сè од себе и да профункционираш како режисер. Затоа што имам таков еден немирен дух, а особено што одлучив да се бавам со работа која што не е типична да кажам, н’рдовска.
Мада има во режијата, има многу… едноставно во правењето на филм има толку многу компликации, таков еден чуден и да речам еден… Има големи предизвици за еден човек кој што на пример се бавел со некаква интелектуална работа како математиката, половина од неговиот живот. Значи некако како да се пренесе тој еден интелектуален предизвик и во начинот на кој размислувам и за филм. Дали е за конструирање на приказни, значи дали станува збор за конструирање на приказни или формирање на таа некоја реалност која што понатаму ќе послужи… парчињата од таа реалност ќе послужат за правење на филмот, а да не зборуваме колку самата монтажа е прилично н’рдовска работа.
Една од дефинициите на нердовството е дека тоа е комбинацијата на интелигенција, опсесивност и социјална неприлагоденост. Од нив за Ѓорче најбитна е опсесивноста. А историски најголемите нердови се токму во редовите на математичарите.
Ѓ: Без опсесивност едноставно мислам дека нема да постои… не би постоел човек кој што ние го нарекуваме н’рд во таа смисла. Значи едноставно, без разлика на интелигенцијата или на некоја работа каква што те интересира или фокусот кој што едноставно те опседнува во тој даден момент, доколку го нема тој момент на опсесија стварно мислам дека самата дефиниција би се распаднала. Така да дефинитивно мислам дека добро ги опиша карактеристиките н’рдовски.
Ѓ: Јас дефинитивно мислам дека ова е вградено во нашава природа од памтивек, откога, што се вика, откога почнале да се оформуваат првите елементи на тоа ние што го викаме сега човек. Јас сум прилично социјално ангажиран и некако ме боли таа цела сиромаштија која што ја гледам околу себе така што дефинитивно би можел онака, што се вика, би можел да зборувам со саати околу таа цела неправда која што луѓето кои што немале можност да се бават со некоја работа едноставно се оштетени нели од системот и од таа… едноставно неможноста или немање никакви… никаков… немање можности практички да се бават со вакви интелектуални работи. Мислам можеме само да замислиме низ историјава колку Давинчија или Микеланџела имало. Значи луѓе кои што едноставно немале можност да се бават со нешто… нешто што би било соодветно на нивниот мозок па едноставно тој нивни талент исчезнал и морал да се прилагоди. Морале да се прилагодат во некои… да работат нешто што е далеку од нивните… мислам не далеку… далеку под нивните способности. Стварно мислам, господ знае колку луѓе биле далеку поспособни од тие луѓе што на нас ни се идоли низ историјава.
Така да стварно мислам дека нема… Знаеш ако му дадеш ти на некое… на пример токму заради тоа си ги сакам моиве математичари. Математичарите се според мене типични н’рдови и низ историјава многу често инспирирани на пример од… Па дури и на почетокот еве ако збориме за грчките математичари они биле прави н’рдови. Они стварно се интересирале и биле… стварно биле… прво биле социјално стварно биле неприлагодени. Биле опсесивни. Се интересирале за некакви феномени кои другите луѓе не ги интересирале. Питагора на пример имал дури… во денешна смисла имал некаков култ или секта, ги прибирал талентираните математичари околу него, мислам во тој момент тоа било малтене све под капата на филозофија, меѓутоа сакам да кажам математиката е така една дејност која што е прилично н’рдовска. И била… и самата математика била резервирана и тогаш и во… да кажам и овие последниве четири века на големиов бум на наукава и технологијава, математиката била резервирана секогаш за побогатиот слој. За луѓе кои што како што кажа ти, имале време повеќе да се бават со некои… не само што имале време, него имале и можности, нели тоа е првенствено, со такви интелектуални работи.
На пример, интересен е примерот на Ферма, францускиот легендарен математичар кој што бил судија и во тоа време судиите едноставно… значи самиот француски систем им забранувал да имаат многу пријатели и да се дружат со многу луѓе заради тоа… заради потенцијалниот конфликт на интереси кој што можеби би го имале во некое дадено гратче на пример.
Една од опсесиите на логичарот во Ѓорче е решавањето судоку. Ама не обично решавање, туку упорно, долготрајно и брзо. За оние кои никогаш не пробале да го решаваат…
Ѓ: Судокуто е прекрасна една игра, сега не зн