Коцката е фрлена: приказната на една крупиерка
Description
За оние кои никогаш не влегле во казино, тоа може да е место на престиж и гламур, или обратно, на разврат и криминал. Зборуваме со поранешна крупиерка за нејзините искуства и за тоа колку таканаречените „игри на среќа“ можат да бидат и забавни, и опасни.
Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.
S3E2 Транскрипт
(тема од Џејмс Бонд)
„Бонд секогаш беше коцкар. Го сакаше сувиот звук на мешаните карти и постојаната несочувствителна драма на тивките фигури околу зелените маси. Го сакаше строгиот, детално дизајниран комфор на казината, добро тапацираните фотељи, чашата шампањ или виски крај лактот, тивкото внимание и неизбрзаните движења на добрите келнери. Беше восхитен од непристрасноста на топчето за рулет и на картите, и од нивната бесконечна каприциозност. Најмногу од сè, му се допаѓаше што тука секој си е самиот крив. Среќата е слугинка, не господарка“.
(Илина)
Вака го опишува својот лик Јан Флеминг. Сите ги знаеме филмските верзии на сцените – згодниот таен агент застанува крај коцкарската маса околу која се насобрале сомнителни и богати типови. Низ казината во Монте Карло, Азербејџан или Лас Вегас, играјќи бакара, рулет или Блек Џек, тој или победува, или стратешки се повлекува точно тогаш кога треба. Неговата рационалност е атрактивна – ги нервира опонентите, а ги возбудува дури и најстудените убавици околу масата. Често со некоја од нив заминува во ноќта.
(Common People)
Јас сум Илина Јакимовска. Во оваа втора епизода од третата сезона на подкастот Обични луѓе ќе видиме колку држи нашата стереотипна замисла за она што се случува во замрачените простории на казината. Џејмсбондовска елеганција, или содома и гомора? Само игра, или тешка зависност? Останете со нас. Коцката е фрлена.
(Гордана)
Па има убаво… Има многу убави случки. Всушност тоа таму е некоја посебна зона… самото влегување во касиното кога ќе го чуете звукот на топчето во рулетот, ти го менува светот, некој посебен свет е тоа таму. Нема часовници по ѕидовите и секој е загледан во бројките. Ништо освен бројките не гледа. Дури и тие од таа страна и ние од оваа страна на столот.
(Илина)
Ова е Гордана, по образование моја колешка етнолог. Откако по дипломирањето не можела да најде работа според професијата, одлучила да ја промени. Почнало случајно, но траело следните десет години.
(Гордана)
Сосема случајно кон крајот на осумдесетите беше многу популарно да се оди во Лондон на работа. Бев таму некои две години и кога се вратив не знаев што да правам. Како дипломиран етнолог немаше шанси да најдам работа. И случајно излезе конкурс, бараат крупиери во касино. Навистина не знаев што е тоа. Се пријавив, во хотел „Континентал“ во касиното се одвиваше обуката. Обуката би требало да трае некои месец – два, меѓутоа нашата се пролонгира па бевме добри шест месеци на обука. Беше тоа уствари подготвителна обука не само во хотел „Континентал“ да се работи во касиното туку имаа намера да отворат касино во Дојран бидејќи таму идат многу Грци и нѐ спремаа за таа игра таму. Ете сосема случајно станав крупие.
(Илина)
Како изгледала една типична работна вечер?
(Гордана)
Вообичаено се доаѓа на работа, имаме своја просторија каде што седиме во паузи, бидејќи работата на крупиерот трае дваесет минути. Дваесет минути си на стол, а потоа одиш на пауза. Ако има голема игра, ако има гужва, ако има повеќе столови работата, тогаш паузата е дваесет минути меѓутоа почесто одиш на стол, на работа, на игра. И се случува некогаш да ги добиеш дваесте минути пауза после саат и пол, меѓутоа ако има игра. Вообичаено е доаѓаш, пиеш кафе, шефот или пит босот те распоредува на кој стол ќе стоиш. Понекогаш и кога нема игра се стои на стол. На стол на рулет обично се стои… секогаш се тројца и тоа: дилерот или крупието, чипер – кој ги собира жетоните и инспектор кој ја следи играта. Нормално тука е и пит босот кој е одговорен за сите столови.
Работата е до четири, во четири се затвара, значи си одат играчите, меѓутоа нашата работа тука не завршува. Треба секој стол да се преброи, колку пари се внесени, на секој стол има дроп таканаречен, односно каса во која ако играчот ти дава кеш пари, ти тука на лице – место му ги менуваш и тие ги ставаш во касата. Значи на крај на работното време треба да се преброи колку пари се влезени во столот, да се дадат на касата главна, таму се пребројува колку пари се внесени од касата, колку пари се искеширани, значи жетони дадени па искеширани и тука се доаѓа до крајниот резултат, колку е касиното во плус или во минус. Исто така на секоја игра, на секој стол ние како крупиери обично знаеме да си побараме типс од играчите, особено кога добиваат и тие ни даваат типс, односно бакшиш ни даваат во жетони и истите тие жетони се ставаат во тој дроп, во таа каса. На крај на вечерта се пребројува и тоа се тргаат тие пари настрана во касата, на крајот на месецот добиваме процент како крупиери, процент од тој типс.
Музика: „MONEY“ – PINK FLOYD
(Илина)
Од местото кадешто седам снимајќи го ова ги гледам нападните неонки на блиското казино, отворено на место на некогаш популарен салон за мебел. Спроти него има спортска обложувалница, а само десетина метри подолу уште едно казино со апарати. Нивните затемнети стакла прават да изгледаат тивки и празни, но внатре врие од играчи. Никогаш не било полесно да се коцкаш. Но не било секогаш така.
(Гордана)
Тука во Скопје во тоа време законот беше дека мештани, локалци не може да играат во касино. Меѓутоа сите правила имаат исклучоци, барем овдека на Балканов, така да имаше многу наши. Додека во Дојран кога работев беа исклучиво само Грци. За нив посебно одеше комбе од хотелот и од касиното до граница, ги превземаше од таму, со комбе ќе ги донесеа играчите, играа, после пак до крајот на работното време, после тоа ги разнесуваат, ги носат пак до граница таму ги чека друго комбе, ги разнесува по дома. Бидејќи они тогаш немаа… имаа забрана за отварање на касина во Грција и тие доаѓаа во Дојран. Дојран беше Мека за нив. Во тоа време имаше три касина во Дојран и тоа беа големи и… сите три одлично работеа.
И.Ј.: А викаш во тоа време законодавството не дозволуваше, сега дозволува наши луѓе…
Г.: Сега дозволува, да. Сега се лиценцирани, тогаш не беа касината лиценцирани со дозволи за работа, него имаш намера да си отвориш касино – си отвараш касино. Имаш пари за да го средиш, не беше… во секој случај не беше регулирано со закон, а сега е веќе поинаку, сега касината имаат лиценци, имаат обврска, колу пари треба да имаат на банка на сметка и… не знам веќе сега… сега не сум веќе упатена како стојат… како е законот во врска со касината иако знам дека мора да бидат лиценцирани.
(Илина)
Кои игри биле најпопуларни тогаш и дали крупиерите ги учеле сите?
(Гордана)
Па не сите. Ги учат основните игри и тука кај нас се најпопуларни рулетот и блек џекот. Она што го гледаме по филмовите за Лас Вегас дека има крапс па… не знам уште мали милион други игри, овдека ги немаше во тоа време. Единствено имаше избор помеѓу неколкумина кои делеа покер, тогаш беше популарен Американ покер, сега по касината има и Тексас холден и делат сите, така да… Основните игри беа тие: Блек џек и рулет.
(Илина)
На Гордана и поставивме три прашања во едно. Кои биле најлошите случки на кои присуствувала а кои најсмешните?
(Гордана)
Лоши случки има многу. Да не звучи како од лош филм амерички нискобуџетен ама стварно доаѓаа познати мафии да речеме од Балканов па се среќаваа тука, па меѓусебе се расправаа, па имаше вадење пиштоли, имаше рации кога доаѓаше полиција да бара и оружје и дрога меѓу играчите. Имаше… што знам, тоа ми е така полош… да речам полошо искуство иако и тоа не беше нешто страшно. Има еден поранешен боксер кој губеше многу па го дигаше цилиндерот, тоа е оној кругот каде што се врти топчето за да бара каде има магнет, затоа што никако да му падне на него. Ете тоа. Такви некои случки имало.
Имало жени кога доаѓале да си ги бараат мажите, па имало домашни брачни караници, тука сите сме биле сведоци, а имаше да речеме од жените кога ќе изгуби па вика – ќе идам до дома да земам едно чекче ама да не ме види ќерка ми, ваљда спие, па да не ме види, ќе се вратам. А ако ме види, ќе останам дома. Па нема да дојде или некогаш ќе дојде, ќе се врати. Има и по чекчиња иделе.
А има смешни… има еден, сите го знаат, многу познат човек во градов, па и пошироко во Југославија беше многу познат кој знаеше да игра, дури држеше едно касино овдека во градот едно време. И кога ќе губи во друго касино, пошто во своето нели не може да игра, кога губи знае да лаже дека таму ги ставил. Не ги ставил он на триеска, се паднала на дваес петка, на дваеспетка му биле жетоните. И така. Знаеше да пее „ој другови јел вам жао“, знаеше некои смешни… смешни лажги на кои ние се паѓавме од смеење меѓутоа него го… на него некогаш и му палеа. Ако ги кажам… вака… има броеви… има игри во рулетот и на пример број со двата соседни кои се на цилиндерот на нив типува да речеме по пет евра и… меѓутоа на секој број на цилиндерот имате некој кој е во втората десетка, значи единаесет, дванаесет, тринаесет. И сега овој играчов фрла пет евра, дваес пет евра, не е ни битно, фрла жетон и вика – на нанаесет! Два со два. Секако ќе падне некој со -наесет (се смее). И обавезно добиваше. Како да му докажеш дека не е така ако по… ги користеше приликите кога е гужва, кога има повеќе играчи, кога не си сконцентриран, не можеш сите да ги следиш и он