„Луѓе со двогледи: птичарите и нивното чудно јато“
Description
Во оваа епизода зборуваме за набљудувањето птици, или птичарењето, хоби или дел од професијата на нашите соговорници. За нејзино следење ви се потребни само двоглед, тефтерче и нешто за јадење.
Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.
С2Е4
ТРАНСКРИПТ
(музика)
Грозда Стојановска – „Билбил пее во планина“ (народна)
Орел змијар, белонокта ветрушка, црнокрила блатна ластовица, славејче и грлица. Им завидуваме на супер-моќта да летаат, сакаме да ги слушаме кога гугаат, пеат и црцорат. Знаеме додуша и да им ги рушиме гнездата, да ги заловуваме или на друг начин да се замешаме во нивните инаку спокојни животи.
Птиците се моќен симбол во човечката култура. Но сепак најубави се во живо, кога само ги гледаш, без да знаат дека си тука.
(Common People)
Јас сум Илина Јакимовска. Во оваа епизода ќе зборуваме за набљудувањето птици, или птичарењето, хоби или дел од професијата на нашите соговорници. За нејзино следење ви се потребни само двоглед, тефтерче и нешто за јадење. Ама гледајте да има за сите. И за луѓето, и за птиците.
[Илија Дуковски]
Со интересирање кон животните и природата воопшто започнав многу рано. Беше некаде можеби 5-6 години кога си игравме во дворот во Цетинска Кула во Тетово каде што живеевме една мала заедница на главно луѓе бегалци од граѓанската војна во Грција. Имаше едно другарче Танас кој… со кого така собиравме бубачки по дворот и од тука почна некако интересирање за природата.
Ова е гласот на Илија, физичар, кој живее во Бостон, далечната Америка. Таму, како птица преселница свил гнездо пред повеќе од 20 години. Но животните и посебно птиците ги засакал најпрвин во родната Македонија.
[Илија]
А за птиците конкретно влијателна најповеќе беше една книга на Алфред Брем. Тоа е некаков класик од 19 век за животот на животните и имаше онака интересни илустрации во стилот на 19 век. Нарочито една птица зимовка со многу интересна боја и не знам зошто, што ме привлече толку кон таа илустрација. И онака, мечтаев да ја видам таа птица и ми се случи. Значи некаде почетокот на осумдесеттите значи имав едно можеби 11-12 години кога ја видов случајно во парк птицата, зимско време беше во Тетово и онака останав зинат. Значи тоа е кога… можеш да замислиш кога некој мечтае за нешто што мисли дека е недостапно и одеднаш онака случајно го наоѓаш тоа. И од тогаш почнав да се интересирам. Можеби можам да видам уште птици од таа книга. Некаква цел ми беше да го видам брадестиот орел кој е исто така импозантна слика, беше претставена во книгата, кој сè уште го немам видено. Брадестиот орел живеел пред, не знам, дваесетина години во Македонија. Мислам дека веќе го нема во Македонија. Мислам дека е исчезнат. Ама се надевам еден ден ќе го видам некаде. Дали во Шпанија или во Азија (се смее).
Таа книга и тоа искуство го поттикнало да продолжи да птичари и во тинејџерските години и на студиите во Белград. Но кога слетал во Америка му се отворил еден цел нов птичји свет.
[Илија]
Во првите денови, значи штом стигнав во Америка целта беше не само да се ужива во природата или да се набљудуваат птиците туку и да се видат што е можно повеќе видови, нови видови. Сега веќе овај… мислам дека ги имам видено скоро сите видови кои се чести тука во Масачусетс, во областа во која живеам, во државата во која живеам, така да тоа веќе не е случај. Постојат луѓе кои тоа им е целта, значи постојат луѓе кои на некој начин… тоа им е еден вид на такмичење, еден вид натпревар, кој ќе види повеќе видови на пример во текот на една година, во текот на еден месец, кој ќе види повеќе видови на едно место, кој ќе види на некоја локација. Или кој ќе види повеќе видови и ќе привлече повеќе видови во својот двор. И знае да биде целата работа, знае да биде и доста компетитивна.
Аматерските познавања за птиците успеал да ги прошири со финта – да се приклучи на јато орнитолози на својот универзитет и да следи таков предмет.
[Илија]
Да, кога бев на Јума во Амхерст тука во Америка, студирав постдипломски студии по физика меѓутоа се приклучив на еден курс кај професор по орнитологија и тој ми дозволи да се шлепам со нив. И тоа беше скоро онака како… ми ги отвори навистина очите за тоа како… како се врши добра идентификација и како се наоѓаат местата каде што може да се набљудуваат птиците. Бевме на една екскурзија како филд трип на Плам Ајленд, тоа е мeсто тука во Масачусетс кое е резерват специјално посветен само на птиците и навистина тоа беше едно неверојатно искуство кога се запознав со таканаречените свиркачи. Тоа се мали птички кои живеат по блатата и по плажите. И тогаш почнав да ги идентификувам. Затоа што се многу слични и нивната идентификација е исклучително тешка. И тогаш разбрав дека постои систем и постои начин како полесно да се идентификуваат сите видови и навистина ми се отвори нов свет на некој начин за целата работа.
Сепак, за него најинтересните локации за птичарење се тропските, поради големиот обем на птици и најразличните видови, кои не можат да се сретнат на други места.
[Илија]
Најинтересните места каде што сум бил се тропските. Мислам тропските предели се неверојатни затоа што таму биолошкиот диверзитет е огромен. Значи ако вие не знам, во Масачусетс или во било кој дел на Северна Америка годишно можеби ќе видите стотина, можеби две стотини птици, таму во третиот ден веќе имате сто или две стотини. Мислам луѓе одат во Костарика со добар водич и после една недела можат да видат по четири стотини, пет стотини видови. Тоа се вкупниот број на сите видови птици во Европа на пример. Значи тоа е неверојатна работа. Тоа како што велат Американците во тропските предели птичарите се чувствуваат како kid in a candy store. И таа една екскурзија што ја направив во Костарика ми значеше навистина многу. Беше неверојатна… неверојатна… неверојатно искуство. Претходно бев во Мексико, исто во Мексико беше многу интересно, во Јукатан каде што најголем број на птици се ендемични за Јукатан, значи ги има само таму и никаде во светот. И на Карибите мислам исто така е јако добро да се… И Јамајка на пример, навистина многу ми се допадна трипот таму. Од птиците кои нај… кои се најинтересни што сум ги видел… Па некои од птиците кои се најинтересни сум ги видел всушност тука некаде каде што живеам. Така галебот на слонова коска или ivory gull е една птица која живее на крајниот север на Антарктикот… на Арктикот, се извинувам, која една година се појави тука во Масачусетс и имаше огромни групи на птичари кои доаѓаа од далеку да ја видат таа птица. Исто така северната јастреб, сова ми беше една птица која сум ја видел исто така од далекиот север, која е необична. Други, од тропските птици во Доминиканска Република на пример тоди, тоа е мала… мало птиче, во Костарика имам мислам… сум видел на пример трокресна ѕвонарка (Three-Wattled Bell Bird, Procnias tricarunculatus) која е навистина фантастична птица заради начинот на кој пее. Значи нејзината песна е нешто необично, звучи буквално како некакво… звук на ѕвонче кој е направен од некаков синтисајзер, буквално така звучи.
[ЗВУК ОД ПТИЦАТА]
Мотмот во Мексико, тоа е птица која ја ниша опашката како не знам некаков саат, навистина е интересна. Калифорнискиот кондор во Гранд Кањон во Колорадо е навистина импозантна, навистина интересна птица која е фасцинантна. Меѓутоа и во Македонија сум видел. На пример карполазач, птица која живее во… на големи висини, значи во планините, една зима ја имам видено на поштата во Тетово. И тоа беше навистина изненадување (се смее).
Пред правењето на оваа епизода ми беше препорачана американска комедија The Big Year, во која ревносни птичари се натпреваруваат кој ќе види повеќе птици во текот на една година. Го прашав Илија дали сето тоа навистина изгледа така, возрасни луѓе да си ги напуштаат работните места и да си го жртвуваат семејството за да гледаат некакво пиле.
[Илија]
Стварно така изгледа. Добро тоа е комедија една направена на комичен начин… на претеран начин. Меѓутоа системот е тој, значи системот е правилно претставен во филмот. Значи постои e-bird онлајн портал на кој луѓето објавуваат дека е видена таква и таква птица и доколку таа птица е ретка, голем број на луѓе одат таму да ја видат птицата. И она имате случај кога едно птиче на некоја гранка седи и си работа тоа шо си го работа, а на сто метри од таа птица имате на пример две стотини или три стотини луѓе со двогледи, со објективи, со апарати. Најинтересно ми беше мене во… значи ја спомнав северната јастреб, сова, тоа е птица која живее во крајниот, далекиот Арктик, значи на самиот север на Северна Америка и се појави една година тука во Њу Хемшир. Значи тоа е едно стотина, две стотини километри од каде што живеам јас тука во Бостон. И отидов да ја видам птицата наутро, значи некаде во осум часот бев таму и ја сликав и ја гледавме, имавме онака интересна седенка со луѓето кои исто тука дојдоа. Одеднаш се појавува автобус. Автобусот е полн со Британци. Значи луѓево букирале авион, дошле до Бостон (се смее), букирале автобус, дошле да ја сликаат птицата и ја исликаа за едно саат време колку што си беа таму, се вратија на автобусот и назад за Британија. Значи тоа е навистина така (се смее). Не е измислено.
Зошто баш набљудување и фотографирање птици а не броење слонови, снимање брзи антилопи или ловење риби?
[Илија]
Па мислам дека две причини се. Една е, птиците се навистина мили суштества значи, се некаков симбол на некаква убав