DiscoverОбични луѓе„Сакам да бидам“ – во потрага по македонските осмоодделенци од 1965
„Сакам да бидам“ – во потрага по македонските осмоодделенци од 1965

„Сакам да бидам“ – во потрага по македонските осмоодделенци од 1965

Update: 2021-01-31
Share

Description

Во 1965 од печат излегува книга која содржи состави на 125 деца од цела Македонија. Во нив тие кажуваат што би сакале да бидат кога ќе пораснат. Каде се тие сега, и дали нивната желба им се остварила?





Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.





(музика, „Вули Були“)





1965-та.





На врвот на светските топ листи е Вули Були на Sam the Sham and the Pharaons.





Во американските кино сали почнува да се прикажува „Доктор Живаго“, со Омар Шариф и Џули Кристи.





Умира Винстон Черчил.





(Rolling Stones – I can get no satisfaction)





Ролинг Стоунси имаат прв број еден хит во САД.





Битлси го изведуваат првиот концерт на стадион во историјата на музиката, пред 60.000 луѓе.





Премиерно се емитуваат цртаните со Том и Џери.





Почнува војната во Виетнам и масовните протести. Со нив и хипи движењето и сексуалната револуција.





(Зоран Георгиев – „Америка“)





На сингл издаден за тогашен Југотон, нашиот Зоран Георгиев пее за Америка. На децата од Македонија, во тогашна Југославија, таа им е далечна и непозната, исто како и нивната иднина. Но иако тие се уште не знаат што ќе бидат, знаат што САКААТ да бидат.





(Common People)





Јас сум Илина Јакимовска. Во оваа прва епизода од втората сезона на подкастот Обични луѓе, ќе ја раскажеме приказната за тие деца од цела Македонија, кои во 1965 биле осмо одделение, а денес се пензионери. Нивните состави се содржани во книга издадена истата година, под наслов „Сакам да бидам“.





Што сакале да бидат овие деца, а што навистина станале?





Останете со нас.





(продолжува музиката)





Книгата „Сакам да бидам“ случајно стигна до мене пред неколку години. На нејзината корица нема никаква друга информација, освен насловот и цртеж на момче задлабочено во читање. Како издавач е наведен Републички завод за запослување на работниците на Социјалистичка Република Македонија, а уредници се Вангел Јанкуловски и Михајло Видоевски.





Од воведот се дознава дека ова е всушност второ вакво издание, во склоп на проект со ученици од 8-мите одделенија во основните училишта, и 4-тите класови од гимназиите, кој започнал претходната, 1964 година. Низ него, преку раскази, есеи, поезија или цртежи, тие требало да ги искажат своите мисли за идната професија.





(музика)





Во книгата се застапени дела на вкупно 125 деца, очигледно внимателно бирани и подредени според професијата која ја посакувале. Најбројни се поглавјата за техника, медицина и просвета, но има и такви за уметност, авио-космонавтика, народна одбрана, како и едно под наслов „неопределени“. Интересно е и поглавјето „космополити“ во кое има два состава. Одбраните професии често се ставаат во контекст на самоуправниот социјализам. Внимавано е на половиот и на етничкиот состав, како и на односот село-град. Покрај претставници на сите градови, има и деца од основни училишта во селата, меѓу кои и со имиња кои прв пат ги слушнавме, како Селокуќ, дебарско или Трооло близу Пробиштип.





(музика)





Каде се сега овие деца? Кога книгата прв пат стигна до мене, идејата беше потрагата по нив да биде преточена во документарен филм. Но по четири години неуспешни обиди тоа да се оствари, сфатив дека работата веќе не смее да се одложува.





Ова е приказна за шестмина кои успеавме да ги пронајдеме и за нивните детски соништа.





(музика)                                                                                                                     





Најголем број деца во своите состави посакуваат да бидат лекари. Во воведот самите уредници поставуваат прашање (цитирам) – „Дали ваквата масовност се должи на хуманоста на занимањето или авторитетот на името „лекар“ пред нашиот човек? Познато е дека на оваа возраст кај децата преовладуваат топли и хумани чувства, алтруизам, социјабилност, самопоузданост, истрајност“ (затворен цитат).





Помеѓу составите во поглавјето „медицина“ е составот на Даница Тановска, денес Тасевска од училиштето „Мите Богоевски“ во Ресен. Неговиот наслов – „На детското лице го немаше руменилото“.

Даница: „Знам дека со учење секоја тешкотија се совладува. Потоа ме чека нова тешкотија, но јас сум поведена од желбата и на тешкотиите не им давам никаква важност. Ќе бидам лекар. Сонувам како да се наоѓам во голема сала. Облечена сум во бел мантил. Претчуствувам дека во болницата ќе се случи нешто. И навистина. Вратата брзо се отвори и влегува една жена велејќи – докторе спасувајте! Моето девојче е тешко болно. Влегува еден човек и во рацете носи едно девојче. Го земам девојчето. Колку е бледо. На неговото лице не се забележува ни трага од детско руменило. Го ставам на креветот и почнувам да се припремам за операција. Возбудена сум. Тоа ми е прва операција. Девојчето има запаление на слепото црево. Мојата возбуда се претвора во храброст. Операцијата завршува успешно и јас сум среќна. Ми пријдуваат сите и ми се заблагодаруваат. Горда сум што постигнав успех. Тоа ќе се повторува секој ден. Се разбудувам. Дали тоа е сон? Не. Тоа е мојата желба што ме носи кон мојата иднина. Нас нè чека иднината. Ние ѝ припаѓаме нејзе, а таа нам. Ние сме листови на нејзината гранка. Ја дишиме и осеќаме нејзината миризба.“





<figure class="wp-block-image size-large"></figure>



Како се чувствува Даница сега кога ги чита овие редови?
Д: И сега… и сега ќе се расплачев. Многу возбудено. Ево сега солзи ми идет. (плаче) Озбилно. Многу возбудено. После пеесет и шес години.





Kaко изгледало учењето и дружбата помеѓу децата во нејзино време?





Д: Сите бевме еднакви, то сакав да кажам. Униформи носевме на училиште. Имаше и некој… една-две богати што беа, од богати фамилии меѓутоа ниту се истакнуваа… ниту се истакнуваа, ниту пак им се љубомореше на нив или завидуваше. Носевме униформи, на училиште бевме сите еднакви. Се дружевме, игравме игри, народна топка, со топка само, игра беше тоа… И за денешниве деца тоа е непознато и невидено. Дружењето беше во нашето училиште идеа деца од околните села. „Мите Богоевски“ се викаше училиштето. И за зимите… ви раскажав и претходно… зимите беа сурови, долги, снег до колена, патот родителите им го пробиваа додека дојдат од село во училиштево во Ресен, назад не можеа да се вратат. И ние ќе се распределевме, ќе ги распределевме учениците по другарки секаде. Една другарка да земи едно девојче, машките – машки земаа. И се случуваше да остануваат и по два вечери, два – три вечери да спијат кај нас и да се дружиме и да живееме, јадење-пиење сè заедно да го правиме. Значи немаше разлика во однесувањето, во дружењето, во сакањето. Се сакавме едноставно. Без љубомора, без злоба.





После во нашето училиште имаше турска паралелка. Турски учениците… имаше дечиња, ученици од турска националност. И ние… баш се сеќавам јас бев осмо В, то беше другото А, Б, В, Г. Г одделение и учевме со нив. Толку бевме братски поврзани што не ни сметаше апсолутно дека тие се Турци или друга националност имаше, меѓутоа турско… турско… турски паралелки во ова училиште имаше. Не албански. Турски. И дружењето со нив остана и до ден-денес. На пример за Бајрам одевме кај нив на гости. За Велигден тие доаѓаа кај нас на гости. Контактираме уште со нив. Имам другарка во Охрид, Кадрије мажена, живеет во Охрид. Контактирам со нејзе, имаме одење-идење. Факизе, Ралиде, Сумер. И други имаше ама веќе сум ги заборавила, сега кој се странство, кој… не ги гледам. Со овие контактираме само. И то е. Мислам, другарството беше на ниво.





Даница успешно го завршила основното и гимназијата. Но во остварувањето на нејзината желба да се запише на Медицинскиот факултет во Скопје се појавила една неочекувана препрека.

Д: Со татко ми отидовме во Скопје да се запишам на факултет со… на факултет прво желба беше моја за лекар, меѓутоа на татко ми беше за стоматологија. И ајде, општа медицина се учит две години, ајде реков, занает било стоматологијата била занает и татко ми настојуваше викат – занает си е занает. Секогаш ќе ти притребат ќерко, во животот. Ајде добро, да го послушам. И отидовме да се запишувам на факултет меѓутоа и еден случај имаше со смртен случај го вадеа, покрај капелата поминавме тука и многу се возбудив, многу се исплашив и се нажалив, натажив. Ги гледав кај што плачеа, сигурно се работеше за млада особа и да ви кажам толку се разочарав, толку се разочарав и јас му реков на татко ми – не ни покушавај да одиме да се запишам во деканат да влезиме да се запишам. Зашто еден негов пријател нè чекаше, ние не знаевме каде треба да се обратиме. И се вратив… јас не можам да одам на овај факултет, да се вратиме назад. Вознемирена… отидовме кај тетка ми и сега размислуваме каде да се запишам. Пак да имат нешто, да е поврзано со медицинава. И размислувавме, размислувавме и одлучивме на… на Природно-математички факултет, на група биологија. Пријателот на татко ми ми предложи тоа. И отидовме горе на Гази баба, се запишав на факултет и редовно го завршив факултетот, мислам точно колку што требаше. Дипломска имав теренска, за сите четири годишни времиња, земав проби од Преспанско езеро некои планктонски алги на Преспа имав, од реон од Сирхан до Отешево и така… Не. Од Перово до Отешево. Сирхан ми беше пристаниште

Comments 
loading
In Channel
loading
00:00
00:00
x

0.5x

0.8x

1.0x

1.25x

1.5x

2.0x

3.0x

Sleep Timer

Off

End of Episode

5 Minutes

10 Minutes

15 Minutes

30 Minutes

45 Minutes

60 Minutes

120 Minutes

„Сакам да бидам“ – во потрага по македонските осмоодделенци од 1965

„Сакам да бидам“ – во потрага по македонските осмоодделенци од 1965

Ilina